Фудбалскиот клуб Тетекс – Тетово утре за прв пат од осамостојувањето ќе организира одбележување на годишнина на формирањето на 18-ти февруари 1953-тата година. Ќе се одржи ревијален натпревар со ФК Брегалница од Штип и уште неколку активности. На овој натпревар ќе биде повлечен од употреба дресот со број 4 на ФК „Тетекс“, во чест на легендата на клубот, Бошко Блажевски, кој почина за жал минатата година. Бошко 12 сезони по ред настапуваше за тетовските сино-бели во 60-тите и 70-тите години на минатиот век. Ревијалниот натпревар симболично ќе биде прекинат во 4-тата минута, ќе има една минута молчење, а потоа дресот со број 4 ќе биде офцијално повлечен од теренот и веќе нема да се користи на официјални натпревари на Тетекс. Дресот ќе биде преземен од семејството, но ќе стои во клупските простории. Ревијалниот дуел ќе се игра на фудбалското игралиште на Агенцијата за млади и спорт со ФК Брегалница од Штип од 12 часот. По завршувањето на натпреварот, односно во 14 часот, ќе следува доделување на благодарници на компании, институции и поединци кои помогнаа во функционирањето на клубот во изминатата година, како и на медиумите. Се надеваме дека ова во иднина ќе прерасне во традиција и секоја година на 18.02 на пригоден начин ќе го прославуваме роденденот на ФК Тетекс и ќе се им се заблагодариме на оние без кои клубот не би постоел.

Бошко Блажевски почина на 76 години на 7-ми септември 2020 година. Блажевски својата кариера ја започнал како средношколец во клуб во Штип, па продолжил една година во ФК „Љуботен“ по што околу 15 години го носел дресот на ФК „Тетекс“. Блажевски има работено како тренер и спортски новинар. Според книгата „Кога Тетексовото фудбалско сонце беше во зенитот“ од авторот Владимир Кочоски, посветена на ФК „Тетекс“, на 18-ти февруари 1953 е одржано основачкото собрание на клубот.

сподели ја статијата!

февруари 17, 2021