Тетекс мисли само на триумф против Лабуништа!

Тетекс во недела поточно утре со почеток во 14 часот и 30 минути, ќе гостува на Градскиот стадион во Струга каде во рамките на шеснаесеттото коло од Втората фудбалска лига на Македонија – Запад ќе го одигра натпреварот против ФК Лабуништа. За овој натревар одредени се официјалните лица, при што главен судија ќе биде Кирил Смоквоски, а ќе му помагаат сограѓаните од Прилеп, Зоран Костоски, Марјан Смилкоски и четврти судија ќе биде Влатко Илиоски кој исто така е од Прилеп. За делегат на натпреварот е одреден Владо Крстевски од Скопје, а контролор на судењето ќе биде Ацо Мировски исто така од Скопје. Нашиот тим прошлата сабота на домашен терен ја совлада екипата на ФК Гостивар со резултат 2-1 и ги запиша првите три бода во пролетниот дел од сезоната. Фудбалерите на Тетекс покажаа дека имаат доста квалитет и дека можаат да се носат со секој тим, како на секој натпревар што одиме на победа така и во Струга одиме со желба да се освојат трите бода за искачување погоре на табелата и опстанок во лигата. Противникот во секој случај не е за подценување бидејќи располагаат со добри фудбалери и на табелата се наоѓаат на второто место, затоа бараме од нашите фудбалери да го дадат својот максимум и да се вратат со победа во Тетово.
Како и секогаш тимот на Напред Тетекс директно ќе го проследи натпреварот за вас, по завршување на натпреварот ќе имате можност да го прочитате извештајот на нашиот веб сајт.