Тетекс го прекина „зимскиот сон“

Фудбалерите на Тетекс денеска го одработија првиот тренинг од 12 часот на игралиштето на АМС „Спортски центар“ во Тетово, со тоа и официјално започнаа подготовките за пролетниот дел од сезоната во Втората македонска фудбалска лига – Запад. Целта на Тетекс оваа година ќе биде опстанок во лига, со оглед дека се наоѓаме на последното место на табела. Пред почетокот на подготовките, стручниот штаб и раководството на нашиот тим им посака на фудбалерите добри подготовки, многу среќа и успех во овој подготвителен период, како и во натпреварите низ пролетниот дел од сезоната. Според планот на подготовките, фудбалерите ќе работат во Тетово и најпрво една недела ќе започнат со физички припреми а потоа и со неколку контролни натпревари со цел активирање на формата и воигрување на тимот за екипата да биде подготвена и на тактичко – технички план.
Главниот сегмент од подготовките сé уште не се познати, а од друга страна пак како опција е Охрид.
Тетекс нема да може да смета на неколку играчи што оваа есен го носеја дресот на Тетекс и официјално се заминати од клубот, Иво Јанакиевски кој најверојатно ќе го облече дресот на прволигашот ФК Силекс, Божидар Ангеловски, Башким Љама на којму истекна позајмницата и се врати во ФК Гостивар, на истите воедно им се заблагодаруваме и им посакуваме се најдобро во понатамошната фудбалска кариера.
Засега официјално, нови играчи се Филип Петковски во пакет со Леон Најдовски од ФК Работнички, како и Дарио Десниќ од ФК Силекс. Во тимот повторно се враќаат децата на фудбалската школа на Тетекс Марјан Билбилоски и Блашко Николовски.
Од ФК Тетекс најавуваат уште неколку засилувања, кој што заедно со оние кој што останаа да ги бранат боите на клубот ќе го носат товарот на Тетекс во пролетниот дел од сезоната. Се надеваме на многу радосни моменти оваа пролет, се надеваме на полна трибина и голема поддршка на нашите навивачи на нашите Војводи и на сите Тетовчани, за да ја оствариме нашата цел а тоа е опстанок во ВМФЛ.