Сино-белите утре гостуваат на Велезарими во Кичево

Престојниот викенд носи продолжување на борбите за бодови во Втората македонска фудбалска лига Запад. Фудбалерите на ФК Тетекс ја искористија паузата на репрезентативните настани со победа на пријателскиот натпревар против ФК Љуботен со резултат 2-0, веќе утре ги очекува ново искушение.
Во рамките на 4-тото коло, сино-белите ќе гостуваат на Велезарими во Кичево од 15:30. Тоа ќе биде дуел на два тима кои имаат најмногу промени во играчкиот ростер во споредба со минатогодишните состави. Оттука еден од факторите кои ќе го реши конечниот исход сигурно ќе биде подобрата воиграност на новокомпонираните состави на кичевци и Тетекс.
Стручниот штаб ги анализира настапите на кичевци во првите 3 кола во кои минатата недела на гости го совладаа Кораб со 2-4, а претходните две средби загубија по еден гол од ФК Струга и ФК Лабуништа. Се работи за незгодна екипа на домашен терен и мора да се земе во превид дека ќе ја имаат публиката во нивна корист која секогаш е во бројност.
Токму заради овие причини сино-белите мора да бидат максимално фокусирани на играта на теренот, да не наседнуваат на провокации кои сигурно ќе ги има, да влезат концентрирани и да одиграат борбено, агресивно, храбро и крајно дисциплинирано – она што ќе го побара од нив Стручниот штаб да го спроведат на дело во целост.
Како и секогаш тимот на Напред Тетекс директно ќе го проследи натпреварот за вас, по завршување на натпреварот ќе имате можност да го прочитате извештајот на нашиот веб сајт.