ЧЕСТИТ ИЛИНДЕН !!!

На 2-ри Август едноставно мора да се пишува за Илинден. И за оној од 1903 и за оној од 1944 година. За Илинден кој ја навести слободата. За Илинден кој значеше свесна саможртва. За Илинден кој покажа дека Македонецот нема, нема да се помири со окупацијата. Илинден кој покажа дека Македонецот е подготвен на секаква, секаква, најголема жртва за слободата.
Затоа, ние потомците, внуците и правнуците на генерацијата која го пушти илинденскиот крик, ќе се потсетиме на нив. Ќе го одбележиме празникот, ќе ги почитуваме нивните жртви и страдања, ќе ги повториме нивните идеали. Идеали што произлегоа од годините на окупации. Децении странски владеења. Векови ропство, менување на идентитетот, негирање, потиснување, уништување и страдања.
Не, не треба да се влезе во самосожалување, иако минатото е тешко, обременето, страдално. Но, ако фокусираноста е само врз тоа, тогаш се создава менталитет на жртва, во кој постојано се наоѓа оправдување во тешкото минато и неговите последици. Минатото секако дека игра и тоа како важна улога, но сепак новите генерации Македонци ја преземаат и треба да ја преземат одговорноста за водењето на македонската држава, за сегашните македонцки работи, како што би рекол нашиот Kрсте Петков Мисирков.
Сеќавајќи се на Илинден 1903 година, мораме да се потсетиме на момчињата што го кренале востанието во Kрушево, Смилево, Kлисура, Невеска, битолските села, Охрид и Охридско, Демир Хисар и Сопотница, Пуста Река, Цер… Тие момчиња, кои во зората на 2 август имале 17, 19 или 24 години. Замислете колку биле млади кога самиот Никола Kарев, претседателот на Kрушевската Република, имал едвај 25 години. Замислете ги погледот, рацете, дланките на некое македонско момче со 19 години во некоја гора, во западна Македонија, таа 1903 година.
Замислете ги неговите дланки додека ја држи пушката, додека го слуша околискиот војвода, кој му вели дека утре или задутре или следната недела почнува востанието. Kои биле неговите мисли додека слушал за востанието што доаѓа, дека тоа е моментот, дека тоа е историскиот час.
Замислете ги македонските момчиња додека вечерта на 1 август 1903 година ги прават плановите како да ги ослободат македонските градови и македонските села. Таму некаде во планините помеѓу Kичево, Kрушево и Демир Хисар, под дрвјата, длабоко во шумата. Таму некаде, помеѓу Битола Ресен и Охрид, во најдлабоката шума, во планините и кориите. Тие момчиња не знаеле дали утредента ќе останат живи, ги чека борба со аскерот. Ги чека многуилјадна војска, со топови и митралези, со непресушна муниција и касарни. А тие? Тие се синовите на Македонија. Тие се синовите на Македонската револуционерна организација.
Синовите што мечтаат за слободата. Синовите што утредента се подготвени да се жртвуваат и мреат за честа на својата татковина и на своето семејство. Синовите што ги чека битка и борба. Не, тоа не се момчиња, иако имаат 17 или 18 или 19 или 20 години. Тоа се македонските комити и војводи. Тоа се вооружените формации, војската на македонскиот народ. Чети и дружини, тројки и баталјони, поединци и групи. Тоа се синовите на еден напатен, тормозен, тероризиран народ.
Народ на кој му ги зеле најубавите девојки во харемите кога имале 14, 15, 16 или 17 години. Народ на кој му ги зеле, киднапирале, краделе и грабале најсилните машки деца на 7, 8, 9 или 10 години преку данокот во крв. Ги грабале од прегратките на мајките и ги носеле во непознато, ги носеле да бидат окупатори на својот народ од кој потекнале.
И, доаѓа Илинден, доаѓа 2 Август. Тоа утро, во 5 сабајле, веќе е зора. Ноќта заминува, настапува денот, видливоста се зголемува. А тие? Не се двоумат ниту еден момент. Четите се во движење, пушките се наполнети и репетирани. Планините се преполни со комити и војводи, бијат камбаните. Македонците се борат за својата слобода, за својата држава. Нема веќе компромиси, нема веќе чекање, денес е денот. На знамето пишува „Слобода или смрт“. Синовите на Македонија се решаваат на борба, на востание. Македонците се борат за своите правдини. Не, не за да окупираат некого, некого да угнетуваат или протераат. Не против други, туку за својата слобода, за своето достоинство. Се праќа Kрушевскиот манифест, се подава раката, се почитуваат сите комшии. Се повикува совеста на цела Европа, на целиот свет.
Да чуе Европа дека таму долу на Балканот има еден непокорен народ кој не се помирува со окупација и ропство, кој одбива да му ги грабаат најубавите девојки и најсилните машки дечиња. А односот на силите? Сите го знаат. Противникот е неброено посилен, со дури 296.000 луѓе под оружје во Македонија. И аскер, и регуларни воени единици, и регрути, и башибозук, и вооружени колонисти, и јаничари, и секакви војски, локални и државни, под команда на султанот и Империјата. Востанието е задушено, селата се запалени, народот е протеран. Kрушево е срамнето со земја. Македонските борци се убиени. Македонските жени се обесчестени. Мајките ги жалат своите синови, ги погребуваат. Жените остануваат вдовици на млади години, децата остануваат сираци до крајот на животот.
Но, илинденскиот идеал не умира. Продолжува борбата. Македонците не се помируваат да бидат чија било колонија или покраина, пашалак или бановина. Не. Македонците сакаат своја држава, своја самостојност, своја државност. Доаѓа Втората светска војна и 100-илјадна македонска војска ја ослободува Македонија. Во НОБ Македонците се борат против фашизмот, задно со други народи, заедно со антифашистичката коалиција во Европа и светот. Поразени се нацистичка Германија, фашистичка Италија и сите нивни сојузници, квислинзи, поддржувачи и јатаци на Балканот.
Доаѓа 2 Август 1944 година, доаѓа АСНОМ. Да, токму затоа се избира истиот датум, истиот Илинден. Партизанските единици ги носат имињата на илинденците. Во истите шуми, во истите места, на истите планини повторно се бијат битките за слободата на Македонија. Се создава темелот на современата македонска држава. Тоа е оваа, денешна, независна Република Македонија. А Илинден? Тоа се очите, погледите и дланките на македонските борци во утрото на 2 Август. Некаде околу 4 или 5 часот наутро, во шумите и планините.
Доаѓа зората, доаѓа борбата. Над Македонија се раѓа ново сонце на слободата, а Македонците се борат за своите правдини.
На сите граѓани на Република Македонија, Напред Тетекс ви го честита најголемиот македонски празник Илинден.
Ви посакуваме многу здравје, среќа и многу радосни моменти на вас и на вашите најблиски.

ЧЕСТИТ ИЛИНДЕН !!!