Младинците и кадетите гостуваат во Кратово, пионерските екипи домаќини на Силекс

Во сабота ќе се одигра 18-тото коло во првенството на младинските фудбалски категории. Противник за генерациите на ФК Тетекс ќе биде екипата на Силекс од Кратово. Младинците и кадетите во сабота гостуваат во Кратово, додека пионерските екипи на домашен терен во населба Брвеница.

Младинците и кадетите ќе ,,бркаат“ нови три бода, со оглед дека во претходното коло нашите момци триумфираа против ГФК Тиквеш (младинци) 5-0 и (кадети) 2-0. Избраниците на Тони Јакимовски – Кифла беа подобриот противник на првиот нивни меѓусебен меч во есенскиот дел, бидејќи славеа минимално со резултат 1-0.

,,Досегашниот успех се должи на досегашната макотрпна работа, дисциплина и посветеност на тренинзите и натпреварите. Заедно со тренерот Тони Јакимовски сме на пат да направиме огромен успех, но ништо не е готово, допрва треба да се бориме и да победуваме. Нашата цел е првото место и се надевам дека оваа барем засега добра сезона за нас ќе ја крунисуваме со влез во Првата лига и ќе направиме успех за историја”, изјави Даниел Трпески за Напред Тетекс.

Пионерите и помладите се очекува да ја продолжат серијата на победи во борба за првото место на табела. Избраниците на Зоран Стерјоски – Шоре се во потрага по нови три бода, а Силекс не би требало да претставува проблем за нашите надежи. На првиот дуел одигран во есенскиот дел, нашите Пионери славеа убедливо со резултат 5-0, а помладите дојдоа до голема победа 7-0.

Сите натпревари ќе се одиграат во сабота со термини од 10:00, 11:00, 12:00 и 13:00 часот.