Вести

ФК Тетекс денеска слави 65 години

На денешен ден пред точно 65 години се ,,роди” светото име ФК Тетекс, гордоста на Тетово и симболот на македонизмот. Подоле оставаме текст за Тетово градот со фудбалско педигре, формирањето на ФК Тетекс и слично за старите генерации да се присетат, новите да научат нешто за Тетекс а фудбалерите да дознаат дека да играш за Тетекс е чест гордост и привилегија.

Тетово-град со фудбалско педигре

Тетово е град со најстара фудбалска традиција во Македонија. Фудбалскиот клуб Љуботен беше формиран во далечните дваесеетти години од минатиот век и заедно со Хајдук од Сплит беа најстарите клубови во СФРЈ Југославија. Во редовите на овој клуб продефилираа бројни тетовци кои меѓу населението ја всадија љубовта кон овој спорт и предонесоа фудбалот набрзо да стане најважната споредна работа на светот и во Тетовско.

Во 1953 година, само две години од постоењето на Волнарскиот комбинат ,,Тодор Циповски-Мерџан” познат како ,,Тетекс” на 18-ти февруари 1953 година, по иницијатива на Андро Јанковски, тогашен комерцијален директор на Комбинатот и познатиот спортски работник и вљубеник во фудбалот Александар Апостолов, во рамките на Комбинатот беше формиран Фудбалскиот клуб ТЕКСТИЛЕЦ. Формирањето на Текстилец, кој ова име ќе го носи до 1961 година, кога ќе биде преименуван во ФК Тетекс, беше условено од потребата, како што беше тогаш речено, за развој на спортот меѓу работниците. Иницијативата ќе биде прифатена со задоволство, а Љуботен, најстариот тетовски фудбалски клуб и еден од најстарите во Македонија, ќе добие достоен ривал кој со текот на времето ќе ја надмине славата на својот постар брат.

Педесеттите години од дваесетиот век беа години на процут на фудбалскиот спорт во градот под Шар Планина. Дуелите меѓу месните ривали Текстилец и Љуботен секогаш привлекуваа голем број на гледачи на стариот градски стадион кој тогаш беше нов, ограден со зидови и со изградена бетонска тибина во 1952 година. Тоа беа вистински спортски настани за градот и околината, кои беа предмет на разговори долго пред тие да се одиграат и долго време потоа. Единствено речено градот живееше со фудбалот и за фудбалот. Симпатизерите на фудбалот во Тетово се поделија на два табора, а меѓу екипите се разви здрава конкуренција која неминовно водеше кон повисок квалитет во играта.

СРЕЌЕН РОДЕНДЕН
ФК ТЕТЕКС!!!