Прв собир на фудбалерите, Јаковљевиќ – тренер!!

Денеска во 13 часот и 30 минути, на стариот стадион во Тетово, започна првиот состанок на фудбалерите на ФК Тетекс, на кој се појави новиот тренер Мирослав Јаковљевиќ – Штела.
Новиот шеф на стручниот штаб, најпрво на фудбалерите им посака успешна сезона, без повреди, со добри резултати, и им го кажа планот за работа.
Фудбалската и тренерска легенда на Тетекс, популарниот Штела ќе ја предводи нашата екипа. Тој голем дел од својата фудбалска кариера ја помина во редовите на нашиот клуб, каде настапуваше во втората половина на 80-тите и почетокот на 90-тите година на минатиот век. Штела својата играчка кариера ја заврши токму во Тетекс, а во нашиот клуб ја започна и тренерската кариера во првите години од независноста на Македонија. Овие податоци говорат дека на кормилото на Тетекс ќе застане човек кој е жива легенда на клубот и кој ќе ја има подршката од комплетната јавност, фудбалерите и раководството на Тетекс. Последните неколку сезони беа исклучително успешни за Јаковљевиќ, кој пред две сезони како Шеф на стручен штаб успеа да избори пласман во фудбалска Европа со екипата на кратовски Силекс, а минатата сезона ја предводеше екипата на Локомотива од Скопје, со која успеа да избори пласман во Втората македонска фудбалска лига – Западен регион. Се надеваме дека Јаковљевиќ ќе има успешна тренерска епизода и во нашиот клуб.

ДОБРЕДОЈДЕ ДОМА ШТЕЛА!!!

На досегашниот тренер Ивица-Ике Јованоски, му се заблагодаруваме, бидејќи беше во Тетекс во најтешките моменти од неговото постоење. Ике останува и понатаму дел од нашиот клуб.

На денешниот прв состанок се појавија дваесетина фудбалери, од кои дел се од оние кои настапуваа во есенскиот дел, неколкумина од младинските категории, а деновиве се очекуваат уште 4-5 фудбалери да се приклучат на екипата.
Во меѓувреме Тетекс ја напуштија чуварот на мрежата Саљадин Мустафи кој потпиша за Шкендија и позајмениот напаѓач Марио Станковски во Работнички, на истите воедно им се заблагодаруваме и им посакуваме се најдобро во понатамошната фудбалска кариера.