Честити 11-ти октомври, Ден на народното востание

Ден на востанието на Македонија или Ден на народното востание на македонскиот народ познат и само како 11-ти октомври е државен празник кој се празнува на овој ден во Македонија. Востанието е против фашизмот и со тоа започнува борбата за ослободување на македонскиот народ. Тоа е важен меѓник во борбата за самобитност и самостојност на македонскиот народ. Со својата вооружена борба, Македонија не станала квислиншка територија, туку, напротив, жешко подрачје за окупаторот и дала свој придонес во победта над фашизмот во Втората светска војна.
По фашистичката агресија и окупацијата на Југославија во 1941-та година, Македонија повторно е поделена, овојпат помеѓу италијанскиот и бугарскиот окупатор.
И пред 11-ти октомври 1941-та година доаѓа до вооружен отпор против окупаторот. Така, на 8-ми септември Лазо Колевски убива бугарски стражар кај Богомилскиот тунел, истиот ден во Скопје Боро Петрушевски убива бугарски војник, на 7-ми октомври во Скопје е извршен обид за убиство на агентот Мане Мачков, во кој загинува Благоја Деспотовски – Шовељ, а на 8-ми октомври Трајко Бошкоски – Тарцан, пробивајќи се низ непријателскиот обрач во Прилеп, убива еден непријателски полицаец.
Сепак, за почеток на востанието против фашизмот во Македонија се смета нападот кој Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ го извршува во Прилеп на 11-ти октомври 1941-та година. Во нападот учествуваат 16е партизани, распределени во три групи. Првата го напаѓа бугарскиот полициски участок, втората – затворот, а третата има задача да ги прекине телефонските врски и електричната инсталација.