Најава

Започнува новата сезона од ВМФЛ, Тетекс стартува против Зајази

Пред нас е почетокот на втората Македонска фудбалска лига, можеби и најинтересната сезона во втората лига бидејќи по одлуката од фудбалската федерација на Македонија воведени се две групи (региони) запад и исток во ВМФЛ. Оваа година многу повозбудлива и понеизвесна е втората лига од првата лига.
Утре (недела) со почеток во 16 часот и 30 минути, на игралиштето на Агенцијата за млади и спорт во Тетово, Тетекс во првото коло ќе ја пречека екипата на Зајази. Главен судија на натпреварот ќе биде Благојче Ралевски од Битола. Како што веќе рековме ова ќе биде можеби најинтересната и најнеизвесната сезона, секој натпревар и секој бод ќе бидат важни. Нашиот Тетекс вети дека она што се случуваше минатата сезона ќе остане во заборав и дека оваа сезона ќе направат се за екипата да биде стабилна.
Според играчкиот квалитет нашиот тим е фаворит, тука ќе го земеме и фактот што клубот успешно ги заврши подготовките и на физички план и на тактичко – техничко поле, клубот успеа да го задржи ,,костурот” на Тетекс со оглед на тоа дека единствени фудбалери кој што го напуштија клубот се Беким Реџепи кој замина во Шкендија и Кристијан Апостоловски во ФК Скопје, а од друга страна успеа да ги ангажира Мирослав Јованоски од Брегалница, Саљадин Мустафи кој дојде како слободен играч и Меритон Салији кој е позајмен од Ренова, Марио Станковски од Работнички на позајмница, Иво Јанакиевски од Металург и двајца повратници Даниел Трпески од ФК Скопје и Енис Дервиши од Работнички.
Поради повреди шефот на стручниот штаб Ивица Јованоски – Ике нема да ги има во состав Мирослав Јованоски, Даниел Јовановски, Томас Тасос и Ирфан Абази, а неизвесен за настап е Емир Азири.
Воедно ја користиме оваа прилика да ги поканиме сите навивачи на Тетекс и љубители на фудбалот во Тетово и тетовско да присуствуваат на утрешниот натпревар и сите заедно да се избориме за првата победа на нашата гордост.

Апелираме до сите оние кои што ќе бидат на трибините за фер и коректно навивање, само така можеме да му помогнеме на нашиот клуб да дојде до посакуваната цел. НАПРЕД ТЕТЕКС!!!